Актуелниот првак Еурофарм Пелистер со многу мака успеа да слави триумф над Охрид на гостувањето со 26-23, и така да го преживее „пеколот“ крај Охридското езеро, и да замине со важни бодови во битката за одбрана на титулата.
Домашните тргнаа одлично, цело време беа во „егал“ или во плус, но на крајот не успеаја да дојдат до бодовите.
Охрид имаше водство од 4-1 на стартот, а потоа и до 7-5. Цело време се играше „тесно“, а на крај гостите заминаа со еден гол предност на полувреме (11-12).
На почетокот на вториот дел иста слика, домашните поведоа повторно со 13-12, а потоа и гостите имаа предност, но Охрид секогаш беше тука блиску.
Последните десет минути нова неизвесност. Охрид имаше 21-20, но не искористи шанси, па битолчани направија пресврт од 22-21, а потоа и 23-21.
Охрид стигна до негатива од еден гол, но потоа во самиот финиш пелистерци се прикажаа во најдобро светло, и на крај го решија победникот.
Филип Кузмановски со 12 гола беше најефикасен играч на средбата и во тимот на Еурофарм Пелистер. Богдан Радивојевиќ постигна 7 гола за битолчани. Кај домашните Рудолс Сафранко даде седум гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА