Шампионот пред сериозен предизвик во Струга, Тиквеш има отворен пат кон прва победа

Денеска се играат два натпревари од 6. коло во ПМФЛ. Дербито е денеска во Струга, каде домашниот тим го пречекува составот на Шкендија. Двата тима се непоразени во досегашниот дел од првенството, со тоа што Струга ТЛ ги има сите победи, додека Шкендија има три победи и едно „реми“.

Струга ТЛ одлично го стартуваше првенството, со пет победи од исто толку мечеви, и сега, се чини, го има најтешкиот предизвик. Им гостува првакот кој сака да ја одбрани титулата оваа сезона, додека Струга ТЛ има намера после една сезона пауза одново да се закити со шампионскиот пехар.

„Овој успех на пет победи од пет натпервари се должи на менталитетот и напорната работа на тимот. Верувам дека сме сериозен предизвик за шампионот. Секогаш сум мотивиран да дадам се од себе на секој натпревар. Не сакам да давам предвидувања пре дмечевите, но ќе играм како и секогаш, за да му помогнам на тимот да победи“, вели Басиру Компаоре, голгетерот на Струга ТЛ и досега прв „бомбардер“ во ПМФЛ.

И Шкендија го има најтешкиот предизвик во оваа сезона, и има цел да дојде до победа.

„Шкендија изгледа добро. Досега добро одиме, подготвени сме во Струга да дојдеме до позитивен резултат. Знаеме дека нашиот противник е во супер форма, и ги доби досега сите натпревари. Ние сме Шкендија, одиме на секој натпревар да победиме, и така ќе биде и сега. Историското лето во Европа мислам дека е доволен мотив за публиката да дојде на стадионот во Струга, а исто така очекувам поддршка и од нашите навивачи. Верувам дека ќе биде вистинско дерби“, вели Имран Фетаи.

Во Кавадарци Тиквеш го пречекува тимот на Шкупи, и има голема шанса да дојде до првата победа во сезоната. Шкупи досега не освои ниту еден бод, и ова е една од последните шанси за кавадарчани да дојдат до првите три бода, по поразот од Струга пред неколку денови.

Се вчитува...