Шампионската прослава на Баерн одложена, драма со хепиенд за Борусија Дортмунд

Баерн Минхен рутински ја одработе задачата на домашен терен против Мајнц, баварскиот гигант лесно славеше со 3-0, но избраниците на Винсан Компани сепак ќе треба да почекаат за да го прослават враќањето на тронот на Бундес-лигата.

Имено, својата задача попладнево ја одработија и фудбалерите на Баер Леверкузен, па победата на „фармацевтите“ од 2-0 над Аугсбург е причината поради која шампионската прослава на Баерн е одложена за најмалку една седмица. Сане, Олис и Дајер беа стрелци на головите во денешниот триумф на Баерн, додека погодоците за Баер Леверкузен ги постигнаа Шик и Буендиа, уште во првото полувреме од дуелот на „Бај Арена“.

Борусија Дортмунд во драматичен дуел славеше со 2-3 на гостувањето против Хофенхајм, за продолжување на трката за четвртото место кое води во ЛШ. Гираси и Брант беа стрелци на головите за тимот од Дортмунд, избраниците на Нико Ковач беа на чекор до триумф, но одбраната реагираше слабо во финишот, дозволувајќи му на Кадерабек да се најде осамен по еден центаршут и со глава да го совлада Кобел.  „Милионерите“ сепак на крајот се радуваа, Антон беше стрелец на голот на асистенција на Гираси, домаќини бараа фаул врз голманот, но ниту главниот судија, ниту ВАР-арбитрите не реагираа, па тимот од Дортмунд стигна до огромни три бода.

Најдраматично беше на дуелот меѓу Холштен Кил и Борусија Менхенгладбах, на кој домаќините со гол во 91. минута славеа со 4-3, задржувајќи си ги минималните шанси за опстанок.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...