Шанса што не смее да се пропушти: Вардар го пречекува Целје

Во првиот од последните три меча од групната фаза во ЛШ, Вардар денеска (17.30 ч.) во „Јане Сандански“ го пречекува тимот на Целје Пивоварна Лашко и влегува во завршната битка за првото место во групата. Локалното дерби во групата Б резултатски е од голема важност и за „црвено-црните“ и за гостите од Словенија. Вардарци ја имаат улогата на фаворит и шанса со победа во овој дуел да се вратат на лидерската позиција во групата. Целје пак „брка“ бодови со кои ќе остане меѓу шесте екипи во групата што ќе го продлжуваат настапот во осминафиналето на ЛШ.

„Натпреварот со Целје за нас е како финале во Лигата на шампионите. Ние сме фаворити во натпреварот, но мора да имаме предвид дека секогаш кога играме против нив имаме проблеми бидејќи Целје има квалитетни играчи. Очекувам брз натпревар. Ако сакаме да победиме, треба да одиграме добро во одбраната и да имаме што повеќе голови од контранапади. Имаме добра шанса да бидеме први во групата. Играчите се подготвени и сакаат да прикажат добра игра“ – вели тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Вардар и Целје сезонава три пати играа меѓу себе и во трите дуели вардарци завршуваа како победници. Сезоната ја отворија во септември минатата година со убедливата победа во гости со 29-40 во првиот натпревар во СЕХА лигата. „Црвено-црните“ беа победници и во дуелот од СЕХА во Скопје (33-31), а славеа уште еднаш во Целје и во првиот меч од Лигата на шампионите (26-32).

Вардар важи за екипа која ретко губи натпревари, било да е во Лигата на шампионите или во регионалната СЕХА лига. Тоа е тим составен од квалитетни поединци кои формираат навистина добра целина. Исклучително се моќни во одбраната во која може да играат различно и 6-0 и 5-1 и ги краси исклучително добар противнапад. Во оваа екипа има многу малку слаби точки. Но, мене во прв план ми е мојата екипа и нашата игра. Верувам дека на овој натпревар ќе го покажеме сето свое знаење. Ако бидеме на вистинското ниво, тогаш ова ќе биде многу интересен натпревар“ – вели тренерот на Целје ПЛ, Бранко Тамше.

celje - vardar

По 11 одиграни натпревари во групната фаза во ЛШ, Вардар има осум победи и три порази и моментно е на второто место со бод, но и натпревар помалку од водечкиот Рајн Некар Левен кој во натпреварот од ова коло минимално го победи Мешков Брест со 25-24. Целје е на шестата позиција со две победи, три нерешени и шест порази. Во претходното коло Словенците славеа сензационална победа против актуелниот европски шампион Кјелце (34-33) што им ги подгреа амбициите и им ги отвори шансите за пласман во осминафиналето во ЛШ.

Во другите два натпревари од ова коло во групата Б денеска играат ППД Загреб и Кристијанштад, а утре Кјелце го пречекува Пик Сегед.

Табела, група Б: Рајн Некар Левен 17 бода, Вардар 16, Кјелце 14, Пик Сегед 13, Мешков Брест 12, Целје 7, Кристијанштад 6, ППД Загреб 5 бода.

Се вчитува...