Кошаркарската репрезентација на Македонија ќе ги игра ноемвриските квалификации за Евробаскет 2021 „во балон“, наместо предвидените гостувања против селекциите на Естонија и на Италија. Раководството на ФИБА денеска донесе одлука средбите од следниот прозорец да не бидат одложени, но од мерки за претпазливост селекциите да не играат „дома-гости“ во различни држави, туку сите репрезентации од една група да се соберат на едно место, каде би ги одиграле двете ноемвриски средби.
„Секој таканаречен ‘балон’ ќе биде сочинет од четири или осум екипи (во зависност од тоа дали на едно место ќе се соберат селекции од една или од две групи). Домаќинот на турнирот ќе биде дополнително одреден“, се вели во соопштението на ФИБА.
Македонија во првите две кола загуби на домашен терен од Естонија и на гостувањето против Русија. Двете гостувања ќе беа исклучително тежок предизвик за избраниците на селекторот Александар Тодоров, а во ситуација кога двете средби ќе се играат на неутрален терен значително се зголемуваат шансите за најмалку една победа, со што Македонија би останала во игра за пласман на Евробаскет 2021 (билети за ЕП добиваат најдобрите три селекции од секоја група).
„Балон-системот“ ќе се однесува и на последниот февруарски термин за квалификациите, кога Македонија треба да одигра две средби на домашен терен, против Русија и Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА