Челси забележа нова премиерлигашка победа под водство на Томас Тухел откако „сините“ по голема битка славеа со 1-2 на гостувањето против Шефилд Јунајтед. „Фенерџијата“ на табелата неодамна го шокираше Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“, но вечерва немаше сили за ново изненадување против дисциплинираниот состав на Челси.
Гостите од Лондон не креираа премногу шанси во противничкиот шеснаесетник, но затоа имаа беспрекорна ефикасност. Првата посериозна можност ја претворија во погодок откако по акцијата на Чилвел и Вернер, Мејсон Маунт се најде на вистинското место и пред крајот на полувремето го доведе Челси во водство.
Шефилд израмни со смешниот автогол што си го постигна Рудигер, но веднаш следеше ново водство на Челси, со пеналот на Жоргињо откако Тимо Вернер беше фаулиран од домашниот голман.
Домаќините имаа убава шанса за израмнување во 95. минута, но Менди го одбрани обидот со ножички на Шарп, осигурувајќи ги трите бода за Челси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

