Легендарниот Шакил О’Нил повторно, по којзнае кој пат, ја омаловажи кариерата на францускиот центар Руди Гобер, но исто така го пофали и српскиот кошаркар Никола Јокиќ.
Долго време не е тајна дека еден од најдобрите центри во историјата на кошарката „не го мириса“ Гобер, на кого сега отворено му кажа – дека го мрази.
„Го мразам Руди Гобер! Заработува 250 милиони, а не го заслужува тоа“, избувна Шак во својот подкаст.
И не застана тука. Продолжи да го омаловажува четирикратниот добитник на наградата за најдобар дефанзивен играч во лигата. Тој факт не му значи многу ни на Шак кога ја анализира играта на центарот на Минесота.
„Јас сум лидер, претседател на клубот на големи центри. Кога некој ќе освои четири титули во НБА, може да ме замени на тоа место. Дотогаш, ова е диктатура на Шак. Шектатура. Јас го имам последниот збор за кошаркарите. Затоа велам, ако сте толку платени, мора да играте како џин. Висок сте 216 см, ти си најдобриот дефанзивец во лигата, тогаш не можете да им дозволите да постигнат кош над вас. Направете силен фаул, направете нешто за да го спречите“, алудираше тој. Погледнете го моментот од минатата сезона кога Кристијан Браун од Денвер го „постеризираше“ Гобер.
„Браун забива врз вас и вие се лутите. Не се лутете за тоа, направете нешто за да го спречите, идиоту. Удрете го со лакт во лицето и искршете му ги забите, кажете им на сите – јас сум Руди Гобер, заработувам 250 милиони, нема да забивате врз мене“, вели Шак.
Гобер не е единствениот центар кој се најде на тапетот на познатиот О’Нил, кој смета дека повеќето од сегашните „петки“ во НБА се премногу меки.
„Лут сум кога гледам дека повеќе нема вистински центри. Сите станаа меки, поради што речиси никој не учествува во натпреварот на ѕвездите.“
Но, О’Нил има сосема поинакво мислење за Јокиќ.
„Јокиќ е уникатен, тој е хибрид, може сè да направи. Затоа го ценам, но не ги ценам другите центри кои играат на тој начин. Руди Гобер заработува премногу пари за да игра на тој начин. Тој едноставно не се труди премногу.“
На крајот, Шак даде лудо ветување ако Французинот некогаш биде примен во „Куќата на славните“.
„Ако тоа се случи, ќе дојдам на таа церемонија облечен во фустан“ – рече Шекил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

