Шекспир: Лестер има можност за историски резултат

Новиот менаџер на Лестер, Крег Шекспир, за првпат ќе ги предводи „лисиците“ во Лигата на шампионите, и има можност за историски резултат. Англискиот првак вечерва ја пречекува Севилја во реванш натпреварот од осминафиналето во ЛШ и ќе се обиде да ја анулира негативата (1-2) од првиот меч во Шпанија. Токму тој пораз ја прели чашата кај раководството на Лестер кое реши да му даде отказ на Клаудио Раниери, италијанскиот стратег кој ја освои шампионската титула во Премиер – лигата со овој клуб.

„Во фудбалот никој ништо не ти подарува. Треба да го дадеш максимумот, некогаш и повеќе од тоа, и самиот да си го земеш она што го заслужуваш. Лестер има историска шанса за да оствари резултат што ќе биде запишан во аналите на клубот. Севилја располага со фудбалери од светска класа, но и ние сме актуелни шампиони на Англија и тоа не смееме да го заборавиме. Мислам дека сме подготвени за предизвикот. Трениравме и пенали, а за пласман понатаму ни е потребен најмалку еден гол. Тоа некогаш е лесно достижно, но ова е Лигата на шампионите и секој потег е многу тежок за да се изведе, иако можеби од страна делува многу полесно“, изјави Крег Шекспир, кој ја доби довербата од раководството на Лестер по заминувањето на Раниери.

 

Се вчитува...