Пелистер вчера триумфираше на пријателскиот натпревар против Шкендија, а стратегот на тимот од Битола, Начи Шенсои не го криеше задоволството од првиот добиен меч во новата година.
Екипата моментално се наоѓа во Охрид во првиот дел од зимските подготовки, а според Шенсои, најважна е тактичката и физичката подготвеност на играчите, потенцирајќи дека единствената цел за тимот е излез во Европа.
„Победата против Шкендија покажа многу работи, дека Пелистер функционира одлично, атмосферата во екипата е на високо ниво и очекувам тоа да продолжи и во иднина. Моментално е важна физичката подготвеност на играчите, а во останатиот дел од подготовките, ќе работиме повеќе на тактичкиот дел. Цел на екипата е да обезбедиме учество во некое од европските натпреварувања“ – порача Шенсои.
Како и секој клуб, така и Пелистер огромно значење му дава на својата фудбалска школа, од каде излегуваат многу таленти, а Шенсои ќе ги искористи максимално тие за кои смета дека се подготвени за сениорски фудбал.
„Пелистер го краси неговата фудбалска школа. Таму се работи многу добро, има многу таленти и тие што ќе бидат забележани од тимот, веднаш ќе ги повлечеме во првиот тим на клубот. Таква е политиката и секогаш се инсистира да се дава шанса на децата од Битола“ – заврши Шенсои.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА