Шешко тренира сам, Јунајтед понуди пет милиони помалку од Њукасл

Се поизвесно е дека Бенџамин Шешко летово ќе го напушти Лајпциг, па стручниот штаб и управата на бундеслигашот решија да не ризикуваат со евентуална повреда, оставајќи го Словенецот да тренира одделно од екипата. Тој нема да настапи на претстојните пријателски натпревари, додека Лајпциг во меѓувреме ги доби и официјалните понуди од двата клуба кои се најзагреани за потпис на Словенецот, премиерлигашите Њукасл и Манчестер Јунајтед.

„Црно-белите“ во Шешко гледаат идеален наследник на Алескандар Исак, но немаат намера да го продадат Швеѓанецот на Ливерпул додека не го осигураат потписот на словенечкиот репрезентативец. Понудата на Њукасл изнесувала вкупно 90 милиони евра, што е за пет милиони повеќе во однос на она што го понудил Манчестер јунајтед во понудата доставена денеска (75 милиони загарантирани, 10 милиони преку клаузули).

Неофицијално, Шешко повеќе би сакал да се пресели на „Олд Трафорд“, но за тоа да се случи „црвените ѓаволи“ сигурно ќе треба да ја кренат понудата во следните денови. Словенецот сака до крај да остане во добри односи со Лајпциг и доколку тоа не се случи, тој ќе ја прифати понудата на Њукасл и ќе се пресели на „Сент Џејмс Парк“.

Шешко има 39 гола на 87 натпревари во дресот на Лајпциг откако во 2023 година пристигна во овој клуб од редовите на Салцбург.

Се вчитува...