Шест фудбалери се најдоа на скратениот список на кандидати за престижното признание – Играч на годината во Премиер-лигата организирано од страна на Здружението на професионални фудбалери во Англија. Еден Азар и Нголо Канте од редовите на Челси се главни фаворити за оваа награда, а за ривали ќе ги имаат Хари Кејн од Тотенхем, Златан Ибрахимовиќ од Манчестер јунајтед, најдобриот стрелец во Премиер-лигата Ромелу Лукаку од Евертон, како и Алексис Санчез, кому му се даваат убедливо најмали шанси за признанието.
Минатата сезона оваа награда замина во рацете на Ријад Марез, кој имаше феноманална сезона во Лестер, но сезонава игра далеку послабо и не се наоѓа ниту меѓу шестмината „финалисти“.
Интересно е што Кејн и Лукаку воедно се во трка и за признанието за „најдобар млад фудбалер во Премиер-лигата“, награда за која Кејн според најавите е поблизу од голгетерот на Евертон. Златан Ибрахимовиќ во дебитантската сезона во Англија практично го носи тимот на Јунајтед на негов грб. Искусниот Швеѓанец постигна 17 погодоци на досегашните настапи во дресот на „ѓаволите“, но поради ситуацијата во која се наоѓа неговиот тим, тешко дека овој трофеј ќе биде во неговите раце. Слична судбина има и Санчез. Чилеанецот е единствената светла точка во катастрофалната сезона на Арсенал, а со 18 гола во првенството заслужено е меѓу најдобрите шест.
На оваа листа неочекувано изоставен е Деле Али кој руши рекорди сезонава во дресот на Тотенхем, но младиот Англичанец ќе има можност да се бори за најдобар млад играч. Фелипе Кутињо и Садио Мане заслужија да се најдат меѓу најдобрите, но турбулентната сезона на Ливерпул ги спречи во обидот некој од нив да биде најдобар во Англија.
Според светските обложувалници Канте веќе ја освои оваа награда со коефициент од 1.11, зад него е Азар со 5, за Златан е 20, Лукаку 25, додека Кејн и Санчез имаат 40, односно 50 коефициент.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА