Шест од шест: „Метла“ од Блокотехна за Кожув

Блокотехна и втора сезона по ред не знае за пораз во дуелите со Кожув, славејќи и на последниот дуел со градскиот ривал, на гостински терен со резултат 84-93. Ова е шеста победа на шестиот меч сезонава за Блоко над Кожув (четири во домашното првенство, две во БИБЛ), за перфектен скор во гевгелиските пресметки и огромен чекор напред кон третото место во плејофот.

Кожув има за што да жали со оглед на фактот дека избраниците на Алек Јончевски три четвртини беа подобар противник и го контролираа резултатот. Сепак, како пресуден се покажа последниот период во кој феноменалниот Фундербург го предводеше големиот пресврт на тимот на Марјан Илиевски. Американецот погодуваше буквално од сите позиции, па по неполни пет минути игра Блокотехна направи серија од 4-19, принудувајќи го Јончевски на тајмаут. Сепак, Фундербург го продолжи своето шоу, па со нова тројка зголеми на 76-85 на две и пол минути до крајот. Кожув се приближи до 84-88, но немаше сили за пресврт, па Блокотехна забележа нова победа над градскиот ривал, изразена со конечни 84-93.

Феноменалниот Фундербург го заврши мечот со 40 поени, Џумиќ постигна 19 поени, а Младеновиќ реализираше 11 поени, надополнети со девет асистенции и осум скокови. Пејн со 21 и Кесар со 19 поени беа најдобри поединци во таборот на Кожув.

Се вчитува...