Легендата на „росонерите“, Андриј Шевченко, го критикуваше својот поранешен клуб, во пресрет на првиот дуел помеѓу македонскиот претставник Шкендија и екипата на Милан. Украинската фудбалска икона смета дека трансферите кои ги направи Милан ова лето се избрзани одлуки, односно недоволно планирани. Шевченко вели дека во обид да се состави квалитетен тим, сите ангажмани биле направени врз основа на импровизирани идеи.
„Не знам што да очекувам од овој тим. Мислам дека има две сценарија како да се стигне до позитивни резултати: Едното сценарио е да имаш долгогодишен план кој полека ќе го остваруваш, а другото импровизација и надеж за најдоброто. Мое мислење е дека Милан купува без размислување, без план, хаотично. Сите трансфери досега ми се конфузни, купуваат одреден фудбалер за „солена“ сума, а по еден месец носат уште еден фудбалер на истата позиција, со ист стил на игра. Тоа се тие импровизирани одлуки со кои се надеваат на моментален успех. Монтела има визија и стратегија, тоа го знам, но не сум сигурен колку ќе му се оствари целокупниот план покрај толку многу нови играчи. Милан е клубот за кој навивам, и секогаш сум посакувал само успеси на овој клуб, но искрено да кажам, скептичен сум за нивната блиска иднина“, истакна Шевченко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА