Андриј Шевченко пристигна на клупата на Џенова најавуван како спасител на овој тим. Украинецот требаше да биде предводник на новиот проект на американските сопственици, но само еден месец беше доволен за поранешната фудбалска суперѕвезда да се покаже како очаен тренер на Апенинскиот полуостров.
Пет одиграни натпревари, четири порази и едно реми, со само еден единствен постигнат гол, оној вчерашниот на Дестро, откако веќе беше загубено градското дерби со Сампдорија, за конечни 1-3 и продлабочување на кризата.
Шевченко повторно се „крстеше“ во Горан Пандев, македонскиот ветеран доби шанса од првата минута, но се вклопи во апсолутното сивило на својот тим. Еден бод на Џенова под водство на Шевченко, еден постигнат гол за 450 минути игра, притоа само осум удари во рамките на противничкиот гол, помалку од просек од два по натпревар (еден против Рома, два со Удинезе, три со Милан, нула со Јуве и два со Сампдорија).
Ова се бројки кои сериозно ја туркаат Џенова кон втората лига, а Шева наместо спасител се претвори во „гробар“ на овој калчолигаш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА