Шиков се враќа во Прилеп: Против Победа е секогаш тешко, но Работнички мора на триумф

Пред да ја стартува својата интернационална кариера, репрезентативецот Ванче Шиков последните фудбалски натпревари на домашната фудбалска сцена ги имаше во 2007 година, токму во дресот на прилепска Победа. Сега повторно е во Македонија, но во дресот на Работнички денеска се враќа во Прилеп на мегдан меѓу двете екипи во рамките на 26. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Работнички се бори за европската сцена, а Победа, пак, за опстанок. Токму поради тоа и Шиков е убеден дека ќе биде интересен натпревар иако теренот на игралиштето на Могила не овозможува најидеални услови за вистинско надигрување…

„Знаеме дека ниту најмалку нема да биде лесен натпревар против Победа. За нив се значајни бодовите за опстанок, но ние од друга страна мора да продолжиме со победите како би го осигурале настапот на европската сцена. Во секој случај верувам дека ќе биде интересен натпревар, во кој може да пресуди и моменталната инспирација“ – вели Шиков.

И во таборот на Победа се свесни дека трите бода за нив се императив, и покрај тоа што се игра против една од најдобрите екипи во првенството.

Ми се чини дека против фаворитите играме подисциплинирано и на некој начин имаме поголема мотивација и подобро се снаоѓаме. Секако дека Работнички е квалитетен тим, но нам ни одговара тим кој игра отворен фудбал и тим кој сака да се надигрува со секого. Ние, се разбира, треба позитивно да одговориме на овој предизвик. Се надевам дека овој трет натпревар на домашен терен ќе ни донесе позитивен резултат“ – вели тренерот на Победа, Зоран Штерјовски.

ДВОЈКИ – 26. КОЛО (16 часот)

Прилеп: ПОБЕДА – РАБОТНИЧКИ

Скопје: ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР

Тетово: ШКЕНДИЈА – РЕНОВА

Скопје: ШКУПИ – СИЛЕКС

Штип: БРЕГАЛНИЦА – МАКЕДОНИЈА ЃП

Се вчитува...