Шилегов: Со игра како против Бутел, Пролет сигурно ќе слави и над Прилеп

Ракометарите на Пролет вечерва (18.30 часот, сала „Македонско Сонце“) го пречекуваат составот на Прилеп, во првото коло од вториот круг натпреварување во Супер-лигата. Првиот меч меѓу овие два тима беше многу интересен, Тинекс Пролет испушти пет гола предност во првото полувреме, за во финишот да се врати и да стигне до реми.

Ова е само предупредување за избраниците на Александар Јовиќ дека против себе имаат противник што никако не смее да биде потценет и против кој мора да се игра во ист ритам во текот на сите 60 минути. Последната победа над Бутел уште повеќе ја крена самодовербата во таборот на Пролет, па играчите делуваат максимално мотивирано за првпат сезонава да врзат три триумфи во серија.

„Знаеме што се случи на првиот меч во Прилеп, увидовме каде беше грешката и верувам дека тоа нема да ни се повтори. Прилеп е тим што го респектираме, знаеме дека може да се победи само ако одиграме 60 минути во висок ритам и подготвени сме да го сториме тоа. Против Бутел покажавме одлична игра, тоа беше нашиот најдобар меч сезонава, целта е да продолжиме во ист ритам. Со рецептот од тој триумф над Бутел одиме по триумф и над Прилеп, а потоа и на наредните натпревари. Цврстата одбрана и дисциплинираниот напад треба да бидат наш заштитен знак и на денешниот дуел“, изјави Мице Шилегов, десното крило на Тинекс Пролет.

Се вчитува...