Шкендија има одлична европска сезона која го носи тимот кон историска европска пролет, за првпат во историјата на македонскиот клупски фудбал.
Извонредна претстава на избраниците на Јетон Беќири и синоќа со победата од 2-0 против словачкиот шампион Слован Братислава во Скопје, која, пак, носи и дополнително плус рејтинг поени за Македонија на клупската рејтнг листа на УЕФА.
Па, синоќешниот триумф донесе +0.500 поени за Македонија на листата, на тој начин, сега македонскиот клупски фудбал е со рејтинг-коефициент од 7.666, доаѓајќи до 46-та позиција а прескокнувајќи ја Северна Ирска.
Со победа на Шкендија во последното коло од лигашкиот дел во Конференциската лига на УЕФА, на гостувањето против АЕК Ларнака во Кипар, Македонија со дополнителни +0.500 поени би можела да ги прескокне на листата и Литванија (која е со коефициент од 7.750) и Албанија (8.125).
А, само за потсетување. Македонија пред стартот на европската сезона ова лето беше на 53. место на УЕФА листата, за да сега, главно поради настапите на Шкендија, во моментов доаѓајќи до 46. место.
Шкендија е, според статистиките, и со 95% шанси да се пласира и во елиминациската фаза од Конференциската лига на УЕФА, што би бил најголем успех во историјата на македонскиот клупски фудбал. Тетовци се на чекор од европска пролет, која сигурно би ја избориле со освоен бод на гостувањето против АЕК Ларнака во последното коло.
Но, и со пораз би се нашле на пролет во Европа, во зависност од резултатите во последното коло на екипите на КуПС, Зрињски и исландски Бреидаблик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

