Шкендија го совлада Слован и си ја отвори вратата кон плеј-офот во ЛК (ВИДЕО)

Екипата на Шкендија ја заврши домашната европска одисеја. На најдобар можен начин – со победа од 2-0, со три бода, со кои сега има реални шанси за плеј-оф во Лигата на Конференции. Вечерва во Скопје „падна“ Слован Братислава. Тетовскиот тим можеби не одигра квалитетно и убаво за око, но одигра цврсто, организирано и тактички одлично, што беше доволно на крајот да се дојде до триумф. Можеби виновник за ваквиот резултат и слабото издание на гостите, кои направија многу грешки на теренот на „Тодор Проески“, и немаа ниту една посериозна шанса. Од друга страна тетовци можеа да слават и поубедлив триумф,  затоа што имаа уште барем две одлични прилики пред самиот финиш.

На стартот се играше мирно, бавно, како двата тима да се загреваа. Шкендија направи две шанси, кои успеа да ги искористи и на одмор да замине со убедлива предност. Најпрво во 33. минута по изведен корнер, Бајриќ си постигна автогол.

Следуваше и голот на Спахиу пред крајот на првиот дел, по еден противнапад и одлична асистенција на Вебстер.

Во вториот дел сосема очекувано беше Слован да нападне со сите сили да постигне еден гол, кој би ги вратил во игра. Но, избраниците на Јетон Беќири беа многу добри во одбранбените задачи, и тактички и физички. Немаше закани од гостите, а имаше од Шкендија. Тетовската екипа ги чекаше своите прилки од противнапади. И една таква шанса можеше многу порано да ја запечати победата. Се играше 79. минута кога една контра го изнесе Зејнулаи „очи во очи“ со Такач. Но, играчот на Шкендија шутираше млако, неубедливо, па Такач успеа да одбрани со нозе и така да го остави својот тим во игра за да го избегне поразот во Скопје.

Уште една шанса имаше Шкендија предвреме да го запечати триумфот, со обидот на Адеми во 88. минута кога ја затресе пречката од голот на Такач.

Кога се чекаше крајот, Марцели со одличен удар од 25 метри ја погоди само пречката од голот на Гаје, што беше и најсериозната шанса за Слован Братислава, длабоко во судиското надополнување.

ШКЕНДИЈА – СЛОВАН Б.     2-0 (2-0)

Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 2000.

Судија: Ивар Кристјансон (Исланд).

Стрелци: Бајриќ (аг) 33’, Спахиу 45’+1

Ж. Картони: Чака, Зејнулаи, Вебстер (Ш) – Ибрахим, Барсегјан (С).

ШКЕНДИЈА: Гаје, Трумчи, Фетаи, Цаке, Вебстер, Зејнулаи (90′ Мелиќи), Р. Рамадани, Чака (72’ Красничи), Спахиу (85′ Ф.Рамадани), Љатифи (85′ Мазари), Ибраими (72’ Адеми).

СЛОВАН Б.: Такач, Бајриќ, Кашиа (72’ Барсегјан), Вимер, Блакман, Ибрахим (58’ Јирајанг), Покорни (58’ Гајдош), Сандро Круз (86′ Мустафиќ), Марцели, Мак (86′ Савидис), Вајс.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...