Шкендија иако играше и со двајца играчи помалку во последните 20 минути, успеа да дојде до убедлива победа од 2-4 на гостувањето против Работнички во 11. коло од Првата македонска фудбалска лига. Силекс, пак, со пресврт дојде до победа од 2-3 на гостувањето против Брегалница иако имаше негатива од 2-1 на полувремето. Македонија ЃП со 2-0 славеше против Скопје, а Академија Пандев никако до победа, сега ремизирајќи (1-1) на гостувањето против Победа во Прилеп.
Брегалница со пресврт дојде до предност од 2-1 на полувремето против Силекс на дуелот во Штип. Кратовци поведоа уште во 5. минута со голот на Масевски, но потоа се беше во знакот на домашните.
Веќе во 8. минута штипјани израмнија со голот на Ѓорѓиев, а во 23. минута Александар Ристевски со глава донесе предност од 2-1.
Сепак, во второто полувреме целосен пресврт. Силекс успева да израмни на 2-2 во 63. минута. Извонреден погодок постигна нововлезениот Давид Манасиевски, кој испрати вистинска „бомба“ од 25 метри која заврши во горниот десен агол од голот на домашните.
И, во 75. минута гол на Марјан Ристовски за 2-3 на Силекс, по една сомнителна ситуација и украдена топка од Лвалива кој остана да лежи на теренот, но судијата дозволи да продолжи акцијата.
Македонија ЃП победи со 2-0 против Скопје. „Лавовите уште од 19. минута со евро-голот на Самаке поведоа со 1-0, а во вториот дел беше заокружено на 2-0 со голот на Вучичевиќ во 75. минута.
Работнички и Шкендија одиграа извонреден натпревар со победа од 2-4 на тетовци. Работнички поведе во 6. минута со голот на Максимов, но Шаља по асистенцијата на Хасани во 23. минута донесе 1-1.
По оние 1-1 по првото полувреме, Шкендија поведе со 1-2 во 49. минута со голот на поранешниот репрезентативец Влатко Стојановски, кој во игра влезе на почетокот од второто полувреме. Стојановски го постигна првиот гол за тетовци во првенството.
Но, Работнички израмни потоа со голот на Јанакиевски, за да во 72. минута поради симулирање пенал е исклучен капитенот на Шкендија Ферхан Хасани. Но, тоа не им смета на црвено-црните да дојдат до предност од 2-3 во 75. минута со голот на Велија. А, Стојановски со својот втор гол во 85. минута донесе и 2-4, и покрај тоа што во 80. минута црвен картон доби и Мурати, па Шкендија го заврши мечот со двајца фудбалери помалку.
Академија Пандев и натаму не успева да победи под водство на Александар Васоски. „Пандевци“ ремизираа 1-1 на гостувањето против Победа во Прилеп, и покрај тоа што поведоа со голот на Велиновски во 63. минута. Хамза Рамани во 75. минута израмни за прилепчани, за конечни 1-1.
ПМФЛ – 11. КОЛО (прво полувреме)
Штип: БРЕГАЛНИЦА – СИЛЕКС 2-3
Ѓорѓиев 8′, А. Ристевски 23′ – Масевски 5′, Манасиевски 63′, М. Ристовски 75′
Скопје: РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА 2-4
Максимов 6′, Јанакиевски 65′ – Шаља 23′, Стојановски 49′, 85′, Велија 75′
Прилеп: ПОБЕДА – АК. ПАНДЕВ 1-1
Рамани 75′ – Велиновски 59′
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – СКОПЈЕ 2-0
Самаке 19′, Вучичевиќ 75′
УТРЕ (14 ч.)
Скопје: ШКУПИ – СТРУГА ТЛ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

