Шкендија и удри „гипс“ на Ренова пред купот, Скопје си „гази“, реми за Вардар

Шкендија игра шампионски фудбал и ита кон титулата во Првата лига. Во пресрет на реванш мечот од полуфиналето на Купот, тимот на Ќатип Османи и удри „петарда“ на Ренова (5-0) во Тетово. Скопје продолжи да си „гази“ оваа пролет остварувајќи триумф и над Победа (0-1), а Академија Пандев и Вардар ремизираа (1-1) во Турново.

Работнички во првиот меч од ова коло го совлада Силекс со 2-0, а дуелот меѓу Шкупи и Пелистер е одложен, откако гостинските фудбалери завршија во болница по знаци на труење со храна.

Шкендија и удри „гипс“ на Ренова, со пет парчиња во мрежата. Изаир Емини го отвори резултатот во 23.минута, а потоа Марјан Радески со прекрасни два гола, како и Шефит Шефити со уште два го докрајчија тимот на Влатко Костов.

Академија Пандев и Вардар ремизираа 1-1 во Турново. Први поведоа „пандевци“ во 50.минута со голот на Чешмеџиев, а Вардар возврати три минути подоцна, со погодокот на Максим Максимов.

Скопје оствари уште еден значаен триумф (0-1), и тоа против директниот ривал за опстанок, тимот на Победа, и тоа на гостински терен. Овој меч се одигра на стадионот „Младост“ во Струмица. Филип Петковски во 33.минута беше стрелец на победничкиот гол за „пиратите“ на овој меч.

Работнички со 2-0 го совлада Силекс. Христијан Кировски ги донесе „романтичарите“ во водство во 29.минута, користејќи ја големата грешка на гостинскиот голман Митровиќ, а Чарлс Гофри во судиското продолжение од мечот го постави конечниот резултат.

ПРВА ЛИГА, 26.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ШКЕНДИЈА – РЕНОВА 5-0

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ВАРДАР 1-1

ПОБЕДА – СКОПЈЕ 0-1

РАБОТНИЧКИ – СИЛЕКС 2-0

ШКУПИ – ПЕЛИСТЕР ОДЛОЖЕНО

Табела: Шкендија 66, Вардар 48, Силекс 40, Работнички 32, Академија Пандев 31, Шкупи 29, Ренова 28, Победа 25, Пелистер 24 (-1), Скопје 24.

Се вчитува...