Шкендија ќе мора да игра продолженија за пласман понатаму во ЛШ (ВИДЕО)

Македонскиот фудбалски шампион Шкендија ќе мора да игра продолженија доколку сака да се пласира во 2. коло од квалификациите во Лигата на шампионите, откако по 90 минути игра на „Тодор Проески“ има 1-1 против велшкиот шампион ТНС.

Шкендија уште во третата минута имаше шанса за 1-0, но Љатифи од непосредна близина иако одлично биеше немаше среќа погодувајќи ја стативата на голот на гостинскиот тим.

И во следниот период продолжи навалата на тетовци, но на висина на задачата беше гостинскиот голман Шеперд кој успеа во една акција трипати да интервенира и да го спаси својот тим од негатива по десет минути.

Гостите првпат се заканија во 13. минута откако Вилсон успеа да ја затресе мрежата на Геј, но поради офсајд неговиот гол беше поништен. Подобрата игра македонскиот шампион ја материјализираше во 18. минута кога најприсебен во противничкиот шеснаесетник беше Тамба кој ја донесе Шкендија до водство од 1-0.

Shkendija 1-0 TNS [1-0 on agg.] – Fabrice Tamba 18'
byu/MeladroitTM insoccer

Во 28. минута Шкендија имаше нова шанса преку Бесарт Ибраими кој луцидно се обиде да го лобува противничкиот голман, но центиметри недостасуваа да ја удвои предноста на тетовци.

И кога се личеше дека Шкендија го контролира мечот по еден карамбол гостите успеаја преку Џордан Вилијамс во 38. минута да израмнат на 1-1.

Shkendija 1-[1] TNS [1-1 on agg.] – Jordan Williams 38'
byu/MeladroitTM insoccer

Во вториот дел и двата тима тргнаа многу повнимателно, па по 75 минути на семафорот се уште стоеја 1-1 од првиот дел. Гостите направија голема глупост фаулирајќи го Фетаи во сопствениот шеснаесетник по што главниот судија покажа пенал за Шкендија во 83. минута. Сепак, по прегледување на ВАР се покажа дека Бесарт Ибраими бил во офсајд, па пеналот беше поништен. До крајот мируваа мрежите, а мечот замина во продолженија.

Се вчитува...