Европската бајка на Шкендија продолжува! Македонскиот првак има големи шанси за влез во групната фаза во Лигата на Европа, откако вечерва го совлада бугарскиот шампион Лудогорец во Скопје со 2-1, и со предност од еден гол ќе патува на реваншот во Разград за седум дена. Лесно можеше да биде и поубедлива победата на Шкендија, но и Лудогорец да се „спаси“ вечерва на Арената. Она што се виде вечерва во Скопје, е дека Шкендија може да излезе како севкупен победник од овој двомеч, и да го мине далеку поскапиот тим на Лудогорец. Бидејќи на моменти не само што ја имаше контролата, туку и се надигруваше со гостинот, му создаде уште неколку опасни ситуации. А, одбраната на Лудогорец беше ранлива, премногу бавна, невоиграна, па Шкендија максимално ги искористи своите прилики и заслужено слави голема победа.
Првата шанса на мечот беше најава дека може нешто големо да се случи за Шкендија, откако по една добра акција Љатифи во 8. минута излезе сам пред голот на Лудогорец. Пад го одбрани неговиот удар, откако убаво ја прочита неговата намера.
Љатифи на овој меч покажа дека ова ќе биде негова вечер. Во 15. минута се најде во нова шанса, по центаршут од десната страна, меѓутоа не се снајде во завршницата, и ја упати топката само во аут. Само две минути подоцна Цаке во шанса. Стоперот се најде во позиција да шутира, меѓутоа тоа го стори непрецизно, и топката отиде крај голот.
Во истата минута Лудогорец за првпат дојде до голот на Гаје. И успеа да ја затресе мрежата. Акција меѓу Станиќ и Дуарте, за овој вториот од 15-16 метри со удар по земја да го совлада домашниот чувар на мрежата.
Голот како да им даде дополнителен мотив на Бугарите, па така во 19. минута дојде нова шанса, овој пат обидот со глава на Шоуар завршува само крај голот.
Шкендија успеа да се консолидира по примениот гол, да воспостави рамнотежа, и потоа од слободен удар да израмни. Мајсторски гол на Љатифи! Неговата „бомба“ од околу 26-27 метри заврши во горниот лев агол на искусниот Пад, за израмнување.
Но, Шкендија во првиот дел пропушти да дојде и до пресврт, ударот на Зејнулаи заврши само во гол аут.
Вториот дел започна мирно, главно со игра на средината на теренот. Се чекаше грешка на некој од тимовите, па затоа до 60. минута немаше шанси за гол. А, потоа дојде и пресвртот, во 60. минута.
Акција која одеше по левата страна преку Љатифи, кој убаво го проигра Ибраими, за овој во свртување да мине низ одбраната на Лудогорец, и да го совлада Пад за предност на македонскиот првак и ерупција на воодушевување од трибините.
Гостинскиот тренер се обиде со измени, во игра мораше да влезе Текпетеј, најскапиот во редовите на гостите, меѓутоа Гаје го спречи да израмни. Одбиената топка веднаш дојде повторно до него, но во вториот обид шутна непрецизно, само во надворешен дел од мрежата.
Шкендија имаше шансаи и за 3-1, но Алхасан и Фетаи не усепаја да погодат. На другата страна Текпетеј се најде во нова прилика, ама повторно од него поуспешен беше Гаје.
Лудогорец најдобрта шанса ја имаше во 90. минута од средбата кога одкосо од десно шутираше Калоч, Гаје одново брилијатно одбрани. Тоа беше и последната прилика на мечот, со што Шкендија слави огромна победа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

