Фудбалскиот шампион на Македонија, Шкендија вечерва на домашен терен ќе го пречека романскиот ФЦСБ во првиот натпревар од двомечот од 2. коло во квалификациите во Лигата на шампионите.
На пресконференцијата за медиумите својот став го искажа тренерот Јетон Беќири кој има почит за романскиот противник, но верува и дека тетовскиот клуб има доволно квалитет да верува во пласман во следната фаза.
„Сега ни следи дуел со ФЦСБ, во кој ривалот е фаворит. Секако дека направивме анализа, станува збор за сериозен тим кој има добра историја. Се работи за поранешен освојувач на Лигата на шампионите. Имаме уште еден тренинг и низ анализа со играчите ќе се подготвиме за дуелот. Арбен Зејнулаи е со нас, имаше досега три тренинзи, има воспаление на мускулите, но ќе биде во комбинација за настап во консултација со лекарите. Околу ФЦСБ, тоа е гигант во европски рамки со голема традиција. Меѓутоа и ние треба да ја чуваме нашата традиција. Не може да се пофалиме со нешта како ФЦСБ, но ние сме Шкендија и ќе се обидеме да одговориме на ниво за овие натпревари. Ова е голем меч, секој следен меч за нас ќе биде меч за престиж. Нема да влеземе да уживаме, туку да извадиме најдобро од нас, а дали е тоа доволно, ќе видиме.
Околу шансите да играме во групна фаза барем во Конференциска лига, ние мора максимално да бидеме фокусирани на овој двомеч и на ФЦСБ, да се обидеме потоа да мислиме на тоа по Букурешт. Што се однесува до шансите да играме во групи, тие секогаш се отвораат по првиот квалификациски циклус. Затоа беше мечот со ТНС важен, затоа што победата ти дава три шанси. Дали Шкендија е спремна и квалитетна од сите тие три шанси да искористи една, имаме квалитетен тим, добра атмосфера. Ќе покаже времето дали можеме. Се надевам дека Шкендија нема да разочарува ниту во овој двомеч, па зошто да не се надеваме уште во овој круг да осигураме групи во едно од натпреварувањата на УЕФА?“, изјави Беќири.
За медиумите говореше и еден од најдобрите играчи во тетовскиот состав Клинсман Цаке.
„Доаѓаме на меч со ФЦСБ по пласманот во второто коло. Имавме тежок дуел со ТНС, но кога ќе оствариш пласман понатаму, тоа е поубвао. Среќни сме за постигнатото, сега играме со тим со голема традиција. Наше е да излеземе на терен и да го дадеме најдоброто од нас. Ќе видиме дали тоа ќе ни вреди на крај.
Околу проблемите на ФЦСБ за кои се пишува низ Романија, не гледаме ние на тие работи и не ги слушаме. Можеби тоаа е тактиката на Џиџи Бекали да ги мотивира играчите. Наше е да бидеме сериозни, без да гледаме што се пишува и што се случува во нивниот табор. Може се да е лажна најава, не сме преокупирани со тоа“, изјави Цаке.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

