Шкендија најавува максимална мотивираност на вечерашното гостување против Рајо Валјекано (18.45 часот) во првото коло од Конференциската лига на УЕФА, исторски прв меч на тетовскиот клуб во главната фаза од едно европско натпреварување.
Ждрепката сакаше првиот меч за тетовци да биде и оној најтешкиот, ако се знае дека Рајо е дел од силната шпанска Ла Лига, а нашите клубови традиционално минуваат лошо против ривалите од Примера.
Конкретно, македонските клубови имаат одиграно четири средби со противници од Шпанија, при што имаат четири порази и само еден постигнат погодок. Притоа, на двете гостувања во Шпанија нашите екипи немаат постигнато ниту еден, а примиле шест погодоци.
Последен двомеч на македонски и шпански тимови во Европа беше оној меѓу Вардар и Реал Сосиедад во Лигата на Европа во 2017 година, кога баскијскиот клуб славеше со 3-0 во Сан Себастијан, а беше уште поубедлив во Скопје, славејќи со 0-6.
Претходно, Пелистер играше против Селта Виго во рамките од Интер-Тото купот, првиот меч во Шпанија заврши со 3-0 за Селта, а Пелистер во Битола загуби со минимални 1-2.
Погодокот што на тој меч го постигна Игор Момировски се уште е единствен што играч на македонски клуб го реализирал против ривал од Шпанија, тренд што фудбалерите на Шкендија ќе се обидат да го прекинат вечерва против Рајо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

