Доколку сака да го продолжи сонот за пласман во плеј-офот во Конференциската лига, Шкендија вечерва ќе мора да брка триумф над Слован Братислава. Со четири бода моментално Шкендија е во зоната на оние екипи кои го завршуваат ова натпреварување, но работата може да се смени вечерва во директниот дуел со еден од клубовите кои исто така изборат европска пролет.
Слован Братислава е екипа која лани играше во групната фаза во Лигата на шампионите, а оваа сезона е во Конференциската лига, и ждрепката сакаше да гостува во Скопје, на можеби најважниот меч за Шкендија во групната фаза во ова натпреварување.
„Играме против квалитетна екипа која лани играше во Лигата на шампионите, ние како секој натпревар во Скопје искрено секогаш играме квалитетно, се надевам дека и утре ќе бидеме на едно добро ниво, затоа што овие се два исклучително важни натпревари за нашата екипа, и секогаш со поддршка од публиката, со давање на максимум се надевам дека ќе дојдеме до добар резултат. Според она што го поседува противничкиот тим, според сите параметри морам да кажам дека се лесен фаворит, но ние покажавме дека можеме да се носиме со секој на домашен терен, и се надевам дека ќе бидеме екипата која ќе се радува“, рече тренерот на Шкендија, Јетон Беќири.
Капитенот Бесарт Ибраими смета дека домашниот терен треба да биде предност за добар резултат на Шкендија против Слован.
„Знаеме колку ни значи овој меч, со три бода можеме да одиме чекор напред. Дома играме добро дури и со посилни противници и сме подготвени да дадеме се од себе. Среќата не беше со нас на последните два меча, се надевам дека утре ќе се сврти и ќе биде со нас, и подготвени сме овој пат да дојдеме до три бода“, додаде Ибраими.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

