Шкендија по прва европска победа летово – Мура не е непобедлива!

Шкендија вечерва од 20 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје го стартува своето европско лето. Македонскиот шампион го игра првиот натпревар од првото квалификациско коло за Лигата на шампионите против словенечка Мура.

Црвено-црните веруваат дека можат до позитивен резултат и покрај тоа што Словенците воопшто не се наивен тим. Сепак, Шкендија ја носи фаворитската улога и безусловно истата сака да ја потврди и на терен.

„Минавме одлични подготовки. Тимот е максимално подготвен за овој предизвик, и покрај тоа што воопшто нема да биде лесна задача. Имаме силен противник пред нас, Мура воопшто не е наивен противник, но ние се фокусираме единствено на нашата игра, на нашите цели и амбиции, а тоа се пласман во следната рунда натпревари. Сите во тимот се чувствуваат одлично. Сите се располагање освен Бруно Дита. Шкендија има сили за позитивен старт на европското лето“ – вели шефот на стручниот штаб Ернест Ѓока.

Од таборот на Мура, пак, посакуваат изненадување на денешниот дуел. Веруваат дека можат до позитивен резултат со кој ќе се остави реваншот во Словенија за седум дена да одлучува околу патникот во следната квалификациска рунда.

Согласно здравствените протоколи за заштита од Ковид-19, на арената „Тодор Проески“ вечерва ќе биде дозволено исполнетост на трибините од 30% од капацитетот. Па, се очекува Шкендија да има поддршка од околу 10.000 свои навивачи.

Се вчитува...