Шкендија по триумф над ТНС за долго европско лето!

Македонскиот шампион, екипата на Шкендија атакува на победа вечерва од 20 часот на реванш дуелот против ТНС во квалификациите од првото коло во Лигата на шампионите.

По ремито без голови на гостувањето на Островот, Шкендија сега ја води силна желба за триумф и продолжување на европското лето во Лигата на шампионите. Но, со триумф, тетовци и дефинитивно ќе имаат долго европско лето, затоа што потоа и во случај на елиминација во квалификациите за ЛШ ќе продолжат во Лигата на Европа, а потоа и во плеј-оф за Конференциската лига на УЕФА.

„Имајќи ги предвид пречките како вештачки терен, тоа што на подготовките во Словенија ни недостасуваа двајца играчи (Бесарт Ибраими и Ибрахим Алхасан), верувам дека ова е прифатлив резултат. Мора да бидеме спуштени на земја, да се обидеме да стигнеме до следната рунда. Верувам дека ќе дадеме се вечерва пред своите навивачи да се избориме за победа. Според квалитетот на тимот, ние сме фаворити, но тоа мора да се покаже на терен“ – вели тренерот на Шкендија, Јетон Беќири.

Шкендија веќе има убедлива победа против ТНС во Скопје, кога во минатото славеше со 5-0. Играч на мечот беше Бесарт Ибраими, кој ја одигра најдобрата европска партија со четири постигнати гола.

„Сега ќе биде сосема поразличен натпревар, но ние сме подготвени да го дадеме максимумот и да продолжиме во квалификациите од ЛШ“ – вели Ибраими.

Доколку го мине ТНС, Шкендија потоа го чека во второто коло романскиот гигант ФЦСБ од Букурешт.

Се вчитува...