Првиот тим на Шкендија се наоѓа на подготовки, додека раководството на тетовскиот клуб во меѓувреме води разговори за засилување на играчкиот кадар што на располагање ќе го има тренерот Ќатип Османи. Тетовските „црвено-црните“ денеска потпишаа договори со тројца млади фудбалери, од кои се очекува во дресот на Шкендија уште повеќе да напредуваат во својата кариера. Станува збор за напаѓачот Илјаз Чилафи и за голманите Беким Реџепи и Артан Елјази, кои денеска ги потпишаа првите професионални договори.
Чилафи доаѓа од младинската школа на Шкендија и за него договорот доаѓа како награда за извонредните настапи за У19 екипата, која токму благодарение на овој голгетер стигна до титулата во својата возрасна категорија. Тој во финишот од сезоната го имаше и своето сениорско деби против Пелистер, за од денеска и официјално да стане член на првата екипа на Шкендија.
Реџепи (20 години) доаѓа од редовите на Тетекс, во чиј дрес имаше солидна сезона во Втората лига, додека 17-годишниот Илјази доаѓа од кумановскиот тим Милано и за него е предвидено следната сезона да ја мине во У19 екипата на Шкендија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА