Со последните три денешни натпревари се заокружува 21. коло од Првата македонска фудбалска лига.
По ремито на Шкупи со Академија Пандев и слободниот термин за лидерот Струга ТЛ, тетовска Шкендија, без сомнение, денеска преку Штип ќе сака бодовно доближување до водечките две екипи.
Шкендија гостува на Брегалница во желбата за триумф и вклучување во битката за шампионската титула.
„Брегалница е навистина тежок противник. Но, ние веруваме во себе и мислам дека ако го дадеме максимумот можеме до позитивен резултат. Свесни сме дека не ја почнавме пролетта како што посакувавме, но Шкендија на секој меч оди на победа. Во Штип ќе настапиме ослабени без неколку стандардни првотимци но веруваме дека можеме до триумф“ – вели Аденис Шаља.
Ќатип Османи за денешниот дуел во Штип нема да може да смета на Љупчо Дориев, Бруно Дита и Дашмир Елези, а под прашалник е и настапот на капитенот Ферхан Хасани.
Силекс, пак, по претходната победа над шампионот Шкупи без сомнение сака три бода и од гостувањето против Победа во Прилеп. Кратовци имаат можност исто така да се приклучат во битката за водечките три места и сигурно нема да сакаат да го пропуштат тоа.
Во последниот денешен натпревар, Македонија ЃП го пречекува Тиквеш со желба за конечно победа во пролетниот дел од сезоната.
ПМФЛ – 21. КОЛО (денеска, 14 ч.)
Штип: БРЕГАЛНИЦА – ШКЕНДИЈА
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ТИКВЕШ
Прилеп: ПОБЕДА – СИЛЕКС
ВЧЕРА
Велес: РАБОТНИЧКИ – СКОПЈЕ 4-0
Велкоски 11′, 51′, 67′, Гандо Марселин 89′
Кичево: ШКУПИ – АК. ПАНДЕВ 3-3
Цефас 12′, Данфа 37′, Хамиди 45’+4 – Крстевски 27′, Руфати 36′, Трајков 90’+1
СТРУГА ТЛ – слободна
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА