Шкендија прими два гола во продолженијата од Лудогорец и ќе игра во „утешната“ ЛК (ВИДЕО)

Шкендија нема да биде вториот тим од Македонија кој ќе игра во групната фаза во Лигата на Европа. Екипата од Тетово се избори з продолженија во Разград, на реваншот против Лудогорец откако загуби со 2-1, со истиот резултат како што беше во Скопје, но во дополнителните 30 минути прими два гола, кои беа решавачки и го елиминираше од ова натпреварување. Шкендија со тоа ќе продолжи сега во групите во Лигата на Конференции.

Се чини дека Шкендија го загуби мечот во првиот дел, откако Лудогорец дојде до предност од 2-0, што на крајот ќе се покаже за клучна, и покрај тоа што тетовскиот тим успеа да стигне до севкупен „егал“. Уште во 9. минута Куртулус искористи една одбиена топка од голманот Гаје, и донесе домашно водство.

Слабата игра на Шкендија продолжи, како да беа загубени, па така Каио Видал најпрво ја погоди стативата, а потоа дојде и вториот гол. Чочев погоди со убав гол, откако со волеј ја смести во левиот агол од голот на Гаје.

Се знаеше дека избраниците на Јетон Беќири мораше да одиграат многу подобро во вториот дел. Лудогорец го остави тетовскиот тим да игра, и тоа им се „одби од глава“. Тамба по асистенција на Ибраими успеа да погоди во мрежата на Пад. Лудогорец имаше уште една добра шанса и супер обрана на Гаје, а Тамба ја имаше шансата на мечот во 88. минута кога излезе сам пред голот на домаќинот, се обиде да лобува, но неуспешно. Мечот замина во продолженија.

Таму домашниот тренер го уфрли во игра Текпетеј, кој во 98. минута успеа да стрела во мрежата на Гаје, и така да го доближи тимот на Лудогорец до групите во Лигата на Европа.

Шанса за Шкендија имаше Ќака во 113 минута, кој шутираше прецизно, но Пад успеа да одбрани во корнер, и така пропадна последната надеж за тетовскиот тим дека може да стигне до пенали, преку кои ќе ја бараше шансата за групите во ЛЕ. На крајот Лудогорец ја потврди победата со четврти гол, преку Биле и така славеше пласман во Лигата на Европа.

Се вчитува...