Шкендија против ТНС ја почнува европската летна авантура

Македонскиот фудбалски шампион Шкендија вечерва ќе му гостува во Велс на ТНС во првиот натпревар од воведното коло од квалификациите во Лигата на шампионите.

Тетовци со голема самодоверба влегуваат во овој натпревар и се надеваат на поволен резултат пред реваншот за седум дена во Скопје.

„Целосно сме подготвени за предизвикот што нe очекува. Од самиот почеток на подготовките работевме со сериозен пристап и целосна посветеност. Сигурен сум дека играчите ќе дадат сè од себе. Направивме детална анализа на противникот. Иако повеќето од нивните пријателски натпревари беа снимени со аматерска опрема, сепак успеавме да добиеме корисни и прецизни информации. Забележавме три до четири промени во нивниот состав, но во главно го задржале истиот систем на игра. Убеден сум дека играчите добија доволно јасни инструкции и очекувам утре да одиграат на највисоко ниво за да постигнеме позитивен резултат,“ изјави тренерот Беќири.

Капитенот Бесарт Ибраими вели дека добро го познаваат противникот.

„Искрено, добро го познаваме ТНС. Направивме детална анализа на нивната игра и ги знаеме и нивните силни, но и слабите страни. Имаме убави спомени од претходните средби со нив, особено од елиминацијата што ја остваривме тогаш. Ни претставува задоволство што повторно ќе се соочиме со нив и се надеваме дека ќе го повториме истиот успех,“ рече Ибраими.

Натпреварот е со почеток во 20 часот.

Се вчитува...