Шкендија размислува само на триумф против Шкупи

Шкендија не размислува на ништо друго освен на победа против Шкупи на денешниот натпревар од 21. коло во Првата македонска фудбалска лига.

„Црвено-црните“ во Тетово ги пречекуваат чаирчани верувајќи дека може да дојдат до трите бода, сега со далеку подобра атмосфера во тимот по онаа победа во полуфиналето од Купот на Македонија против Вардар.

„Знаеме дека не може да биде лесен натпревар, но веруваме дека трите бода ќе бидат наши. По она издание против Вардар во Купот, самодовербата повторно е на највисоко ниво и сигурно атакуваме на триумф против Шкупи“ – вели Бесарт Ибраими.

Тренерот Томас Брдариќ ќе може да смета на сите расположиви сили, а единствено поради повреда неизвесен е настапот на Арменд Алими.

Но, и во таборот на Шкупи веруваат дека може да дојдат до позитивен резултат. Не сакаат предвреме да се предадат, иако знаат дека фаворитската улога е на страната на Шкендија.

„Добро се подготвувавме за овој меч. Игравме добро на првите два дуели од пролетната сезона против Вардар и против Работнички, но за жал освоивме само еден бод. Максимално ја почитуваме Шкендија, но ние ќе одиме на позитивен резултат. Од натпревар на натпревар играме се подобро, тоа е нашата надеж“ – вели Флоријан Кадриу.

Во тимот на Шкупи, пак, ќе недостасуваат поради повреди Филип Јаневски, и најверојатно Седат Бериша, а поради проблем со документацијата се уште нема регистрација за М’бела и Илиќ.

ДВОЈКИ – 21. КОЛО (денеска, 14 часот)

Охрид: ПОБЕДА – ВАРДАР

Тетово: ШКЕНДИЈА – ШКУПИ

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ПЕЛИСТЕР

Штип: БРЕГАЛНИЦА – СИЛЕКС

ВЧЕРА

РАБОТНИЧКИ – РЕНОВА 0-0

Се вчитува...