Македонскиот фудбалски прволигаш Шкендија излезе со соопштение во кое вели дека се револтирани од како што велат од неправдата која ја нанесува Министерството за спорт за фудбалот во Македонија.
Во продолжение ви го пренесуваме целото соопштение на Шкендија:
„Шкендија изразува огорченост од неправедната категоризација на спортовите од страна на Министерството за спорт и драстичното намалување од 70 отсто на поддршката за фудбалот.
Шкендија од Тетово ја изразува својата длабока огорченост и загриженост за одлуката на Министерството за спорт во однос на категоризацијата на спортовите во распределбата на финансиската поддршка (ваучери), рангирањето на фудбалот како четврти спорт во државата и кратењето на финансиските средства за овој спорт за 70%. Оваа одлука претставува сериозен и неприфатлив удар за фудбалот, спортот со најголеми инвестиции во земјава и кој и претходно немаше соодветна финансиска и институционална поддршка.
Одлуката драстично да се намали фудбалот на ова ниво за нас како клуб претставува вистински скандал и директен напад врз фудбалските клубови во целина. Иако разбираме дека министерот за спорт доаѓа од спортот на ракометот и можеби има симпатии за овој спорт или за други спортови, оваа неправда кон фудбалот, најпопуларниот спорт со најголемо општествено влијание во државата, не може да се оправда.
Фудбалот, покрај тоа што го носи товарот на најголемите инвестиции на клубовите и значително придонесува за националната економија, се соочува и со голем број предизвици како што се:
• Постојани проблеми со инфраструктурата;
• Недостаток на имплементација на ВАР системот;
• Сега и оваа одлука која ги продлабочува неправдите кон овој спорт и неговата индустрија, намалувајќи ја финансиската поддршка за фудбалот со намалување од 70%.
Со ова соопштение Шкендија упатува јавен повик да се преиспита одлуката за категоризација и на фудбалот да му се додели заслужениот дел согласно инвестициите, придонесите и даноците што фудбалските клубови ги плаќаат кон државата.
Воедно, ги покануваме и другите фудбалски клубови да ни се придружат на овој протест против неправдите што се прават врз фудбалот и заеднички да реагираат за да се обезбеди правда и еднаквост во финансиската поддршка.
Ги повикуваме надлежните тела да размислат за оваа одлука и да обезбедат правичен третман на фудбалот, како спорт кој ја носи главната тежина во развојот на спортот и младите во нашата земја“, стои во соопштението на Шкендија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА