Шкендија продолжи со победите и на арената „Филип Втори“, совладувајќи го Работнички на гости со 1-2. Актуелниот првак и без повредените Бесарт Ибраими и Стенио Жуниор успеа да стигне до триумф и се одлепи на врвот во однос на Вардар, кој загуби од Шкупи со 1-0.
Силекс славеше со 1-0 во Кратово против Академија Пандев, а Македонија ЃП ја освои Струмица, со победата (1-4) против Беласица. Ренова ја совлада Победа со 2-1 во Тетово.

Шкендија поведе против Работнички со голот на Изаир Емини во 20.минута. Мици нафрли од левата страна, а Емини со удар со глава во совлада Божиновски. Осум минути подоцна, „романтичарите“ израмнија со погодокот на Оливер Пеев, кој зафати волеј по корнерот од левата страна и ја смести топката зад грбот на Захов. Но, гостите од Тетово стигнаа до победа со автоголот на Деан Митрев во 51.минута. Гледи Мици нафрли од левата страна, Митрев лошо реагираше и си постигна автогол.

Шкупи го совлада Вардар на „Чаир“ со 1-0. Со огромни мотиви, домашните фудбалери одиграа квалитетен натпревар, а единствениот гол го постигна Сержињо во 54.минута од средбата.

Пред почетокот на дуелот, раководството и навивачите на Шкупи го поздравија долгогодишниот голман Суат Зендели, кој ја завршува кариерата и во иднина ќе извршува функција во клубот.

Силекс го совлада составот на Академија Пандев со 1-0. Бобан Георгиев во 13.минута ја затресе мрежата на „пандевци“ од втора шанса, откако Додев шутираше од десната страна.
Македонија ЃП оствари триумф (1-4) над Беласица на стадионот „Младост“ во Струмица. Робсон да Силва ги доведе „лавовите“ во водство во 13.минута, Милушев израмни само шест минути подоцна, но Христијан Кировски во 34.минута постигна одличен погодок за ново водство на „лавовите“. Во вториот дел, Кировски уште двапати се запиша меѓу стрелците комплетирајќи хет – трик на овој меч.
Ренова ја совлада Победа со 2-1 во Тетово. Ѓорѓи Танушев во 33.минута донесе предност за прилепскиот тим, а Влатко Стојановски израмни пред самиот крај на првото полувреме. Во 85.минута, Арџент Гафури донесе значајни три бода за „гипсарите“.
ПРВА ЛИГА, 14.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ
РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА 1-2
ШКУПИ – ВАРДАР 1-0
РЕНОВА – ПОБЕДА 2-1
СИЛЕКС – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-0
БЕЛАСИЦА – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-4
Табела: Шкендија 31, Вардар 28, Академија Пандев 22, Ренова 19, Победа 18, Работнички 17, Македонија ЃП 16, Шкупи 15, Силекс 14, Беласица 14.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

