Три победи во првите три кола остварија само екипите на Силекс и Струга ТЛ, а денеска таа можност ја има и екипата на Шкендија, која игра домашен натпревар против Арсими.
Кратовскиот тим со победата над Македонија ЃП од 3-0, сега е на првата позиција на табелата со неверојатна гол разлика од 11-0. Струга ТЛ е на второто место со исто така девет бодови и 6-1 гол разлика, додека Шкендија досега има шест бода, и денеска ќе има голема шанса да дојде до третиот триумф, и да им се приклучи на овие два тима.
Во оваа пресметка тетовскиот тим влегува после одличната игра и триумфот над Лудогорец. И, нема да биде изненадување ако тренерот Јетон Беќири ротира со составот, за да ги сочува силите за реваншот во Бугарија во четврток. Но, и со каков тим да излезе, Шкендија важи за фаворит, и покрај тоа што влегува максимално внимателно во овој меч.
„Имаме доволен фонд на играчи како што секогаш вели нашиот тренер, и ние треба да се бориме на сите три фрона. Го имаме домашното првенство, Купот и европските натпревари. Имаме играчи за сите да имаат минутажа. Веруваме дека ќе бидеме концетрирани за позитивни резултати во домашното првенство, домашниот шампионат е најважен, затоа што токму преку ова натпреварување стигнавме до Европа и до историскиот успех со оглед дека ќе играме во групната фаза на едно натпреварување. Го почитуваме тимот на Арсими. Станува збор за добра, организирана екипа, но Шкендија влегува максимално сериозно на секој натпревар и мотивирано за нова победа“, вели Лидирон Љатифи, крилниот фудбалер на тетовскиот тим кој против Лудогорец постигна прекрасен гол за израмнување.
Арсими, пак, одигра два солидни натпревари во првите две кола. Во првото коло со Башкими беше блиску до триумф, во второто против Струга ТЛ имаше водство кое го „прокоцка“ во вториот дел, и сега се надева дека резултатот ќе дојде во дуелот со актуелниот првак.
„Максимално го почитуваме тимот на Шкендија и нивните нстапи во Европа. Ние доаѓаме со борбен и тимски менталитет, и добро сме подготвени. Нашата цел е да одиграме храбро, и да ја искористиме секоја евентуална грешка на противникот, за да дојдеме до позитивен резултат“, рече Армин Бесагиќ, играчот од средниот ред на Арсими кој беше стрелец на првиот меч против Башкими во оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

