Бранителот на титулата во ПМФЛ, екипата на Шкендија денеска пред себе има сериозен предизвик. Гостување во Куманово кај Башкими од 13 часот, меч кој е последен прволигашки предизвик за тетовскиот тим, пред последните два натпревари во групната фаза во Лигата на Конференции против Слован Братислава и АЕК Ларнака.
За да ја продолжи трката за одбрана на титулата во Првата лига на пролет и да ги следи во чекор водечките Вардар и Струга ТЛ, тогаш императивот мора да бидат трите бода на денешниот дуел во Куманово. Тоа и го најавуваат од таборот на тетовските „црвено-црни“.
„Ова е последниот натпревар за нас во првенството за оваа година, а потоа имаме уште два европски меча. Не очекува тежок натпревар, но одиме во Куманово да ја затвориме годината како што треба, со победа. Дефинитивно кај нас има желба за победа. Сакаме успешно да ја завршиме оваа полусезона, и потоа да ја продолжиме трката за титулата. Го анализиравме противникот, но верувам дека тимот ќе се претстави на најдобар можен начин. Невообичаено бевме многу зафатени оваа полусезона. Сонувавме за овој момент, но не е лесно да се игра на сите фронтови. Меѓутоа убаво е чувството и уживаме во него“, рече Клисман Цаке, дефанзивецот на Шкендија.
Но, во таборот на Башкими веруваат во изненадување. Хебиб Саити верува дека оваа негативна серија ќе биде прекината во дуелот со екипата од Тетово. Тој, исто така, се надева на целосна поддршка од публиката на стадионот на Башкими во текот на денешниот ден.
„Ова е последниот натпревар од првенството и го играме пред нашите гледачи, пред нашите навивачи. Тоа е многу важен натпревар за нас, како во аспект на враќање на победите, така и како тежок предизвик бидејќи играме против актуелниот шампион и тимот што нè претставува во Конференциската лига. Шкендија ги бара трите бода за да остане во трката за титулата и ќе ја има поддршката од своите навивачи, но од друга страна, овие бодови се многу важни за нас за што е можно подобро да ја завршиме есенската сезона. Цврсто верувам дека со помош на нашите најверни навивачи ќе ги израдуваме нашите поддржувачи, кои никогаш не нè оставаат сами“, рече меѓу другото Саити.
Последниот натпревар се одигра во Тетово, каде „црвено-црните“ постигнаа победа со 2-1. Дуелот од 16. коло меѓу Башкими и Шкендија ќе се одигра на стадионот на Башкими во 13 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

