Шкендија се искачи на врвот по новиот „кикс“ на Вардар

Шкендија го совлада Шкупи со убедливи 3-0 и се искачи на првата позиција на табелата, искористувајќи го новиот „кикс“ на Вардар, кој ремизираше на домашен терен (1-1) против Беласица. Сега и двете екипи имаат по 28 бода, но тетовци се на врвот поради подобрата гол – разлика.

Академија Пандев го доби дуелот (1-0) со Работнички, Победа беше сигурна (2-0) против Силекс, а Ренова оствари гостински триумф (1-2) против Македонија Ѓорче Петров.

Шкендија на овој натпревар беше без најдобриот стрелец Бесарт Ибраими, но брзо ги разреши дилемите против Шкупи. Самир Фазли покажа зошто е доведен како засилување и го отвори резултатот во 15.минута, а Изаир Емини го удвои водството пред крајот на првиот дел. Тоа беше сосема доволно за Шкендија да прокнижи три нови бода, а Арменд Алими во 82.минута го потврди убедливиот триумф.

Вардар поведе со „бомбата“ на Дарко Мицевски во 30.минута. Но, Беласица не се предаде така лесно, а поранешниот вардарец, искусниот Филип Ивановски во 72.минута донесе израмнување.

Ренова со пресврт славеше (1-2) против Македонија ЃП во Ѓорче Петров. „Лавовите“ поведоа со голот на Дејан Тантуровски во 15.минута, но во вториот дел за само две минути се случи целосен пресврт. Влатко Стојановски израмни во 60.минута, а веќе во следниот напад Емран Рамадани постигна уште еден погодок.

Академија Пандев се зацврсти на третата позиција на табелата со минималната победа над Работнички (1-0) во Турново. Стрелец на единствениот гол беше Љупчо Дориев во 54.минута, откако со удар со глава го надмудри Божиновски, по центаршутот од десната страна.

Победа го совлада Силекс со 2-0. Набуезе Чиназорм во 60.минута ја затресе мрежата на кратовци, а Ѓорѓи Танушев во финишот постигна втор погодок поставувајќи го конечниот епилог.

ПРВА ЛИГА, 13.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ШКЕНДИЈА – ШКУПИ 3-0

ВАРДАР – БЕЛАСИЦА 1-1

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – РАБОТНИЧКИ 1-0

ПОБЕДА – СИЛЕКС 2-0

МАКЕДОНИЈА ЃП – РЕНОВА 1-2

Табела: Шкендија 28, Вардар 28, Академија Пандев 22, Победа 17, Работнички 17, Ренова 16, Беласица 14, Македонија ЃП 13, Шкупи 12, Силекс 11.

Се вчитува...