Шкендија си го грабна и пехарот во Купот на Македонија!

Шкендија освои двојна круна во македонскиот фудбал, откако на шампионската титула во шампионатот вечерва го придодаде и пехарот од Купот на Македонија. Доминацијата што тимот на Ќатип Османи ја покажа оваа сезона, ја потврди уште еднаш и против Пелистер во финалната куп-пресметка на стадионот „Младост“ во Струмица, триумфирајќи убедливо со 3-0.

Во екстремно тешки временски услови, силен дожд кој врнеше во текот на целиот натпревар, Шкендија сепак ја покажа својата класа. Висар Муслиу го отвори резултатот во 20.минута, кога одлично реагираше по центаршутот од левата страна и со удар со глава ја затресе мрежата на Пелистер. До крајот на првиот дел се заканија и Хасани и Ибраими со шутеви од далечина, но неа беа прецизни.

Во 52.минута, Бесарт Ибраими покажа зошто е „златна копачка“ оваа сезона, откако вторпат ја смести топката зад грбот на младиот голман на Пелистер, Дарко Атанасовски. Веќе тогаш беше јасно дека Шкендија ќе му го одземе куп-пехарот на битолскиот тим, кој од следната сезона ќе се натпреварува и во второлигашка конкуренција. Пелистер минатата сезона направи изненадување во финалето, но овојпат не можеше да стигне до чудо.

Третиот гол за Шкендија повторно беше дело на Висар Муслиу. Во 72.минута, Хасани изведе слободен удар, а Муслиу одлично реагираше и со удар со глава го пронајде патот на топката до вистинското место.

Шкендија ја завршува сезоната со два пехари, од првенството и од Купот на Македонија, а Пелистер ќе мора да се симне скалило подолу и следната година да се натпреварува во Втората лига. Струмица ќе остане вечерва под вода по силниот дожд, а тој се покажа среќен за составот на Ќатип Османи. Мора се признае дека и двете титули наполно си ги заслужија.

ФИНАЛЕ НА КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА

ПЕЛИСТЕР – ШКЕНДИЈА 0-3 (0-1)

Стадион „Младост“. Гледачи: 2.500. Судија: Марјан Маркоски (Охрид). Стрелци: Муслиу 20’, 72’, Ибраими 52’ (Шкендија). Ж. картон: Маркоски (Пелистер).

ПЕЛИСТЕР: Атанасовски, Илиевски, Неданоски, Котевски, Маркоски, Наумоски, Коњарски, Алмеида, Љамчевски, Марковски, Трифуновски.

ШКЕНДИЈА: Захов, Бејтулаи, Муслиу, Мурати, Цуцули, Алими, Фазлагиќ, Жуниор, Радески, Хасани, Ибраими.

Се вчитува...