Триумфот против Вардар и доближувањето до лидерот на само еден бод е дополнителен мотив за шампионот Шкендија да продолжи со победничката серија, и да се обиде да го преземе лидерското место на табелата во ПМФЛ. Затоа од тетовскиот тим не смеат да направат „кикс“ затоа што во оваа фаза од првенството секој неуспех може многу да чини.
Противник за актуелниот шампион денеска е тимот на АП Брера. Од таборот на Шкендија истакнуваат дека немаат намера во никој случај да го потценат било кој противник. Очекувањата се дека успешната пролетна серија на победи ќе продолжи и по овој натпревар, и со тоа ќе продолжи и трката за одбрана на титулата.
„Атмосферата во екипата е на високо ниво. Ако постојано играте добро и победувате, тоа ќе ви ја зголеми самодовербата уште повеќе. Мечот против Вардар беше тежок, но влеговме во него со намера да го добиеме, и го добивме. Сега за нас секој следен натпревар е најважен, и сакаме да продолжуваме да победуваме. Немаме право на грешки. Мораме да се фокусираме кон мечот со АП Брера, да дадеме се од себе и да ги земеме бодовите. Во фудбалот без разлика против кого и да играш, мораш да бидеш смирен, сконцентриран максимално и без потценување кон било кој противник. Ќе ја играме нашата игра, на теренот ќе дадеме максимум, ќе се бориме за секоја топка. Само така можеме да стигнеме до нашата цел. Имавме некои проблеми во минатото кога моравме да се враќаме од негатива на некои натпревари, затоа што не внимававме и правевме грешки на почетокот на мечевите. Сега ќе мораме да бидеме фокусирани уште од првата минута, да бидеме доминантни и да го добиеме овој натпревар на домашен терен, и со тоа да ја продолжиме трката за шампионската титула“, рече Бабукар Гаје, голманот на Шкендија.
Натпреварот меѓу Шкендија и АП Брера е со почеток во 14 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

