Шкендија со офанзива ќе го урива Тракаи

Македонскиот вицепрвак Шкендија денеска (17 часот) во Струмица го игра реванш натпреварот против литванскиот тим Тракаи, во рамките на третото квалификациско коло од Лигата на Европа. Тетовци се надеваат дека ќе успеат да ја анулираат негативата (1-2) од Вилнус и ќе се пласираат во плејоф колото од ова европско натпреварување, со што ќе го повторат успехот од минатата сезона.

Тренерот Ќатип Османи најавува офанзивен пристап на својот тим, иако ќе биде десеткуван, без повредениот Штефан Вујчиќ, кој ќе паузира долго поради тешката повреда на лигаментите на коленото, и „поцрвенетите“ од првиот дуел, Стенио Жуниор и Адријан Цуцули. Но, и покрај тоа, Шкендија има капацитет да го совлада Тракаи.

„Ќе продолжиме со нашиот стил на игра, офанзивно, но ќе треба и да внимаваме многу повеќе, да не се повторат одредени грешки кои беа и кобни за нас на првиот натпревар во Вилнус. Верувам дека имаме квалитет да го елиминираме Тракаи, иако знаеме дека не очекува еден мошне тежок и исцрпувачки дуел“, истакнува тренерот Османи.

Шкендија и Тракаи ќе ги одмерат силите на стадионот „Младост“ во Струмица, а правдата ќе ја дели судијата Клејтон Писани од Малта.

Се вчитува...