Шкендија со повик до своите навивачи пред дербито со Шкупи: Да бидеме пример за спортска поддршка, фер-плеј и толеранција!

Шкендија и Шкупи денеска од 15 часот во Тетово на дерби-пресметка од 8. коло во Првата македонска фудбалска лига.

И тоа како тензични се дуелите меѓу чаирчани и тетовци изминативе години, испратени и со неспортско однесување од страна на навивачите од двете страни, поради што Шкендија и доби казна на крајот од минатата сезона.

Од новото раководство на Шкендија посакуваат денешниот дуел да мине во најдобар ред, поради што испратија и повик до своите најверни навивачи за максимално фер и коректно навивање како би се испратило пример за спортско натпреварување од највисок ранг.

„Натпреварот со Шкупи се очекува со огромен интерес. Вратите на Шкендија се секогаш отворени за сите оние кои ги носат црвено-црните во срцето. И во момент кога очекуваме навистина масовна поддршка од нашите навивачи, испраќаме силен повик за коректна и спортска поддршка за нашите миленици, игнорирајќи ги несоодветното и нетолерантното однесување. Нека натпреварот биде пример и доказ дека спортските натпревари можат единствено да испратат пораки за „фер-плеј“ и толеранција. Нека биде натпревар во духот на максимална коректност“ – се вели во повикот од Шкендија до своите навивачи.

Се вчитува...