Шкендија со прв пораз во ЛШ, Карабах со минимална предност ќе го чека реваншот (ВИДЕО)

Екипата на Шкендија ќе мора да брка победа на реваншот против Карабах ако сака да се пласира во плеј-офот во Лигата на шампионите, откако вечерва на Националната Арена „Тодор Проески“ пред околу 18.000 гледачи, беше поразена од азербејџанскиот шампион со 0-1. Клучниот миг околу победникот се случи во 18. минута кога гостите од пенал поведоа, и тој резултат остана до крајот на овој прв натпревар. Шкендија не се посрамоти, имаше и свои моменти на мечот, имаше и шанси, не се исплаши од фаворитот, имаше мигови дури и кога го надигра, но немаше идеја во завршницата, или ударите завршуваа во голманот Кохалски.  Бесарт Ибраими можеше да биде апсолутен херој на мечот, откако имаше неколку прилики да ги награди одбраните на голманот Гаје, кој спасуваше чисти позиции, но во завршницата не реагираше како што тој знае, па на крајот не успеа да му доенсе на својот тим подобар резултат.

Карабах од првата шанса на мечот поведе. И тоа по наивен пенал, откако Роналдо Вебстер стартуваше над Андраде. Најпрво судијата покажа слободен удар надвор од шеснаесеникот, но по сугестија на ВАР судијата, покажа на белата точка. 

Сигурен реализатор беше левиот бек на Карабах, Бајрамов кој шутираше силно и прецизно во горниот лев агол од немоќниот Гаје.

Но, тетовскиот тим венаш врати со убава прилика на Красниќи. Рамадани од средината додаде десно до Тамба, кој во трк асистираше до Красниќи, кој во последен миг беше изблокиран и топката отиде во корнер.

Од таа шанса, па се до крајот на полувремето Шкендија лесно се растураше во одбраната, па Карабах лесно можеше да дојде и до втор гол. Зубир по една долга акција во 28. минута се најде сам пред голот, но Гаје го одбрани неговиот удар. Следуваше и обидот на Бикаљо од 20 метри кој заврши само за малку крај голот. По една добра акција по левата страна Зубир се закани, и повторно тетовскиот тим успеа да се спаси.

Одбраната имаше големи проблеми, па Карабах имаше уште една супер шанса преку Акундзаде, кој излезе сам пред Гаје, но не го погоди голот.

Последните минути од првиот дел и припаднаа на Шкендија. Шанса имаше Алхасан, чиј удар беше изблокиран, а претходно Ибраими за дел од секундата не стигна до топката да се закани, откако пред него интервенираше Медина.

Првите 20 минути од вториот дел минаа мирно. Карабах ја имаше топката во свој посед, а Шкендија ја чекаше грешката на противникот. Во една таква ситуација, беше досуден слободен удар за тетовскиот тим, кој го изведе Ибраими, но од 25, метри шутираше само над голот во 66. минута од средбата, што беше првата шанса во вторите 45. минути. Затоа до крајот на мечот и двата тима се отворија, сакаа и едните и другите да стигнат до гол, а голманите беа одлични и не дозволија резултатот да се менува.

Веднаш после првата, дојде и втората прилика за Шкендија. Трумчи проби по десната страна, а Тамба шутираше прецизно, но голманот Кохалски со врвот на прстите спаси сигурен израмнувачки погодок. Од корнерот шутираше и Чака, но само покрај голот. За две минути, три добри шанси за македонскиот шампион.

Откако се одбранија Азербејџанците од налетите на Шкендија, дојдоа и нивните минути. Можеше да биде 0-2 во таа 69. минута кога шутираше одлично Зубир, но Гаје беше на место и успеа одлично да одбрани, и да ги остави во игра тетовци до крајот дека може да стигнат до израмнување. Во 75. минута нова шанса за Зубир, овојпат со глава, но одново Гаје беше спасител на Шкендија.

Бесарт Ибраими имаше обид две минути подоцна да го измами Кохалски, полскиот голман беше на место и успеа да одбрани.

Во 82. минута нова голема шанса за Карабах да дојде до 0-2, и да го реши прашањето околу победникот. Акунѕаде се најде во супер шанса после нафрлената топка и со глава се обиде да го совлада Гаје, голманот на Шкендија беше одново брилијантен и успеа да одбрани по којзнае кој пат на вечерашниот меч.

Бесарт Ибраими во 86. минута можеше да ги казни сите промашувања на Карабах, но одкосо од лево шутираше силно, меѓутоа право во голманот Кохалски, кој одби во корнер. На спротивната страна шанса нова за Акундѕаде, кој излезе сам пред голот, Гаје одново беше одличен меѓу диреците и најголемиот „виновник“ што резултатот е овој што е.

Се чини дека најдобрата шанса Шкендија ја имаше во 88. минута. По една грешка на одбраната на Карабах, Зејнулаи го проигра Ибраими, кој беше сам на 20 метри, се намести, имаше простор, но шутираше директно во голманот на Карабах, па промена на резултатот немаше ниту по оваа прилика.  Воедно, тоа беше и последната прилика за погодок на овој прв дуел, сега следува реваншот во Баку, каде ќе биде познато дефинитивно кој ќе оди во плеј-офот на најелитното европско клупско натпреварување.

Се вчитува...