Шкендија стартуваше победнички против „младинците“ на Шкупи (ВИДЕО)

Актуелниот шампион на Македонија, Шкендија победнички ја стартуваше одбраната на титулата откако славеше со 5-1 против Шкупи во премиерниот меч од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.

На овој меч гостите од Чаир играа со младинци, а на клупата за резерви имаа само четири фудбалери од кои два беа голмани.

Стрелец на првиот погодок во новата сезона во мак-фудбалот е Флорен Рамадани кој во 9. минута донесе водство за тетовци од 1-0.

Иако Шкендија доминираше, гостите брзо израмнија на 1-1 преку Малик Хајрави во 14. минута.

Набрзо по израмнувањето Шкупи остана со играч помалку поради втор добиен жолт картон.

Повторно во водство тетовци ги донесе Арбин Зејнулаи кој во 21. минута стрелаше за 2-1.

Во вториот дел во игра влезе искусниот Бесарт Ибраими и со два гола во 70. и 76. минута зголеми на 4-1, додека конечните 5-1 ги постави Љатифи во 83. минута.

Се вчитува...