Последниот дуел од групната фаза во Лигата на Конференции, Шкендија го игра вечерва во 21:00 часот кога гостува во Ларнака на тимот на АЕК. Тетовскиот тим и актуелен првак има шанси да испише историја, со тоа што ќе обезбеди европска пролет. Со триумф тетовскиот тим сигурно ќе презими во Европа, што ќе биде прв клуб од Македонија кому му успеало такво нешто, а со нерешено, па дури и со пораз, ќе зависи и од другите резултати.
На досегашните две гостувања во групната фаза, тетовци имаат два порази од Рајо Ваљекано и од косовска Дрита, со надеж дека овој пат ќе успеат да извлечат добар резултат кој ќе им донесе историја, покачување на рејтингот на мак-фудбалот, како и дополнителни финансиски приходи за добриот резултат и за пласманот во плеј-офот во Лигата на Конференции.
Тренерот Јетон Беќири пред натпреварот напомена дека Шкендија веќе покажала низ овие европски мечеви дека неговиот тим може да се спротистави и на силни тимови во Европа.
„Докажавме дека можеме да играме против силни противници. Имаме максимална почит кон АЕК, но во ниту еден момент не влегуваме да се плашиме од нашите противници, и покрај нивната сила. Со сериозност во текот на целиот меч, се надеваме дека ќе извлечеме поволен резултат. Играме против противник кој игра одлична одбрана, примија само еден гол и не само одбраната, туку играат како тим и напаѓаат и се бранат заедно. Треба да се поставиме и да одиграме на висотко ниво. Сакаме да ја завршиме успешно оваа европска авантура. Сите тимови имаат математики и ние сме и натаму во игра за пласман во плеј-офот. Играчите како и сите навивачи се задоволни од она што го направивме до сега, и се надевам дека сите заедно ќе продолжиме и на пролет да играме во Европа“, изјави Беќири.

Голманот на тетовскиот тим Бабукар Гаје истакна надеж дека ќе успее да ја сочува мрежата, и дека неговиот тим ќе извлече добар резултат.
„Се подготвуваме како и за секој натпревар, за да се преставиме најдобро што можеме. Мојата работа е да го сочувам голот, но тоа е мојата работа. На крајот од денот ќе видиме што ќе добиеме од овој меч. Секако дека како голман секогаш сакам да го завршам мечот без примен гол, без разлика дали тоа што сте го направиле е со добра одбрана или затоа што дефанзивецот ја блокира топката. Тоа е неважно, туку тимот и резултатот на тимот е најважен. Имавме одлична година како клуб. Тука сум шест месеци, имаме одлична сезона, и сакаме да ја завршиме годината со стил. Не сакам да размислувам да завршам со пораз. Сакам да бидеме успешно на крајот, и ако ја завршиме денеска работата, не очекуваат уште најмалку два натпревари во Европа следната година“, рече Гаје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

