Македонскиот фудбалски шампион Шкендија вечерва на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје ја пречекува екипата на Карабах во рамките од првиот меч од 3. квалификациско коло во Лигата на шампионите.
Нашиот тим веќе испиша историја со тоа што сигурно ќе игра во лигашката фаза на едно од трите натпреварувања на УЕФА. Јетон Беќири, тренерот на шампионот рече дека го почитува противникот, но дека треба да се даде максимум, дури и над можностите за да се мине и оваа пречка.
„Најпрво без разлика кој е противник, ние треба да бидеме на нашето можно ниво. Низ анализите, низ подготовки ќе се обидеме да го извлечеме нашето најдобро издание. Мислам дека Карабах е доста квлитетна екипа, затоа што во последните 12 години, тие се 11 пати шампиони, само еднаш загубиле првенство. Имаат тренер кој речиси 17 години таму е без прекин. Исклучително добар тренер и добар стратег. Имаме наши сметки, сакаме да бидеме сериозна екипа, прво да го почитуваме противникот, но да се почитуваме и себе си и да дадеме максимум. Да одиме на границата на нашите можности, затоа што на овие мечеви треба да се надминеме себе и да дадеме максимум. Вкупниот победник ќе се одлучи во Баку, но треба да бидеме многу внимателни, тие се квалитетна екипа, но треба да имаме многу доверба во нашите можности. Ако се претставиме во добро светло, имаме шанси за добар резултат“, изјави Беќири.
Слично размислува и капитенот Бесарт Ибраими…
„Очекувам да го дадеме максимумот како против ТНС и против ФЦСБ. Веруваме во себе, и зошто да не да го победиме и Карабах. Во добра ситуација сме да направиме нова историја за клубот. Притисикот беше на првиот меч против ТНС. Сега е полесно. Знаеме дека притисокот е на страната на Карабах. Затоа што во фудбалот не победува секогаш фаворитот, се случувало да победи и на хартија аутсајдерот, па зошто да не биде тоа така и сега“, рече Ибраими.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

