Шкендија во битка за милиони: Колкава е разликата меѓу ЛЕ и Конференциската лига?

Шкендија вечерва ќе му гостува на тимот на Лудогорец во последниот квалификациски натпревар од европските купови, по кој ќе биде јасно од кое натпреварување ќе биде дел македонскиот првак до крајот на оваа календарска година.

Историјата е веќе испишана со самиот пласман во Конференциската лига, но тетовци не кријат дека сакаат да направат уште еден чекор напред, да останат непоразени денеска во Бугарија и со тоа да бидат дел од Лигата на Европа и да си осигураат осум европски средби до 29 јануари 2026 година.

Реномето на клубот секако уште повеќе би се кренало доколку тоа се случи, но исто така и финансиската добивка ако се знае дека премиите во ЛЕ се повисоки во однос на оние во Конференциската лига на УЕФА.

Премијата за влез во Конференциската лига изнесува 3,17 милиони евра, додека учество во Лигата на Европа би значело и над милион евра повисока сума, точно 4,31 милиони евра ако се биде дел од второто по ранг европско клупско натпреварување.

Покрај тоа, секоја победа во ЛЕ носи дополнителни 450.000 евра, а секое реми 150.000 евра. Во Конференциската лига победата значи 400.000 евра на клупското салдо, а ремито 133.000 евра.

Бројки што се само мотив плус за Шкендија да го заокружи ова одлично европско лето со добар резултат во Разград.

Се вчитува...