Македонскиот вицепрвак Шкендија ќе ја има привилегијата вечерва (20.45 часот) да истрча на „Сан Сиро“ и да му се спротивстави на седумкратниот освојувач на Лигата на шампионите, италијанскиот гигант Милан во плејофот за пласман во групната фаза од Лигата на Европа. Но, покрај убавината да се игра на стадионот во Милано, фудбалерите на Шкендија секако сакаат да се претстават во најдобро светло и да остварат резултат, што ќе им ги задржи надежите дека можат да направат чудо и да го елиминираат големиот ривал.
Како да се преживее на „Сан Сиро“? Сигурно тоа е главната мисла што ги опкружува тренерот Ќатип Османи и фудбалерите на Шкендија.
„Илузорно е да се зборува за големината на Милан и за традицијата што ја има овој фудбалски гигант. Но, тоа не не заплашува, напротив, уште повеќе не мотивира да одиграме добар натпревар на „Сан Сиро“ и да се обидеме да забележиме позитивен резултат. Ќе биде тешко, тоа е јасно, но ова е плејоф за пласман во групите од Лигата на Европа“, порачува тренерот Ќатип Османи.
Капитенот Ферхан Хасани секако признава дека Милан е голем фаворит во двомечот со Шкендија, но и исто така потенцира дека македонскиот тим ќе се бори до последните атоми од силата за да направи сензација.
„Милан е голем фаворит, тоа не можеме да го негираме, но ние дојдовме во Милано да одиграме најдобро што знаеме и да се обидеме да забележиме добар резултат. Ќе биде привилегија да се игра на „Сан Сиро“, но исто така имаме и обврска да се спротивставиме силно и да го репрезентираме клубот и македонскиот фудбал најдобро што знаеме и умееме“, вели Ферхан Хасани.
Тренерот на Милан, Винченцо Монтела најави дека „росонерите“ ќе истрчаат во најдобриот состав, сакајќи да обезбедат предност пред реваншот во Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА