Штип е местото за мегдан каде Шкупи и Новаци ќе одлучат кој ќе биде последниот член на Првата фудбалска лига во сезоната 2017/18. Првиот од двата бараж дуели се игра денеска, на Градскиот стадион во Штип, со почеток во 17 часот. Три дена подоцна, на истото место, во истиот термин, ќе се одигра и вториот меч, по што ќе се знае кој ќе успее да влезе во елитата како последен патник.
Шкупи го има искуството на своја страна, прволигашкиот континуитет, но Новаци исто така има свои шанси за успех, потсетувајќи се дека некогаш во подалечното минато два пати во клупската историја биле дел од елитата.
„Веруваме во нашиот квалитет и одиме на победа. Двата меча се подеднакво значајни и ќе треба да ја задржиме концентрацијата на максимално ниво“, вели тренерот на Шкупи, Ардијан Нухиу.
Новаци има прволигашко искуство во својот тим. Членови на тимот се Менде Степановски, Илир Елмазовски, Благојче Марковски, Ерсен Сали, Марјан Котевски, кои во минатото биле дел од прволигашки клубови. Сега ќе се обидат со Новаци да стигнат до нов успех.
„На два чекори сме до остварување на целта. Не смееме да дозволиме сега погрешно да исчекориме. Ќе биде тешко, но веруваме во успех“, порачуваат од Новаци.
Две желби за Првата лига, само едната ќе биде исполнета…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА