Шкупи и Вардар денеска (13 часот) на стадионот во Ѓорче Петров ќе ја спуштат завесата во македонскиот фудбал за 2017 година. Само еден ќе продолжи понатаму, во четвртфиналето на Купот на Македонија, а елиминираниот тим ќе се надева дека следната година ќе му биде поуспешна.
Поради недоволно добри услови што ги нуди теренот на Чаир, Шкупи ќе му биде домаќин на Вардар во Ѓорче Петров, каде се играше и првиот меч од осминафиналето на Купот, кога домаќини беа „црвено-црните“. Тој дуел заврши 1-1, но преостануваат да се одиграат уште 90 минути.
Тренерот на Шкупи, Ардијан Нухиу, е оптимист дека Шкупи може да го елиминира Вардар, иако овој меч нема да се игра на Чаир.
„Знаеме дека не очекуваат тешки 90 минути, но подготвени сме. Имаме позитивен резултат од првиот меч, но тоа нема да биде пресудно. Ние сме подготвени за овој предизвик и мислам дека ќе успееме да оствариме позитивен резултат. Сигурен сум дека и во Ѓорче Петров ќе имаме голема поддршка од нашите навивачи, кои веруваат во нашиот успех“, вели Нухиу.
Дарко Велковски, дефанзивецот на Вардар, очекува првакот да се пласира во четвртфиналето на Купот на Македонија.
„Последен натпревар за нас оваа година која што беше успешна, и на тој начин сакаме да ја завршиме. Ни претстои реваншот од Купот против Шкупи во меч во кој што сигурно ќе атакуваме на победа и на пласман во следната фаза од Купот. Нашите амбиции се и освојување на Купот сезонава и поради тоа ќе дадеме максимум да оствариме резултат за следната фаза. Знаеме дека мораме да дадеме гол после оние 1-1 од првиот меч и мислам дека можеме да дојдеме до тој погодок. Што порано дадеме гол, тоа подобро за нас. Во секој случај ќе одиме на триумф како и на секој натпревар. Добро е што овој меч ќе се игра на подобар терен од оној на Чаир, затоа што таму игравме во првенството и навистина немаше услови за играње”, вели Велковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА