Шкупи избра нова локација за претстојниот меч од четвртото прволигашко коло во кое ќе се сретне со екипата на Вардар, откако чаирскиот прволигаш денеска доби официјален одговор од ФФМ дека стадиониот во Чаир ги нема соодветните предуслови за одигрување на прволигашки фудбалски натпревар.
Поради ова, управата на клубот реши мечот со Вардар да биде одигран на стадионот „Младост“ во Струмица.
„Комисијата за натпревари во рамки на Фудбалската федерација на Македонија ја информира јавноста дека натпреварот од 4. коло во Прва МФЛ помеѓу екипите на ФК Шкупи и ФК Вардар ќе се одигра на 29 август (петок) на стадионот „Младост“ во Струмица со почеток во 16:30 часот“, објави ФФМ.
Шкупи веќе загуби еден меч службено, оној претходниот на кој требаше да биде домаќин во рамките од второто коло против Силекс токму поради неадекватниот стадион. Тогаш управата на чаирчани се жалеше дека имала договор да го игра дуелот во Струмица, но дека во последен момент тој договор не бил испочитувал, па интересно е што Шкупи сега повторно се решава за истата опција, иако евентуално ново откажување може да има огромни последици врз клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

